Премиерот на Црна Гора Здравко Кривокапиќ беше гостин на вечерата што ја приреди Александар Вучиќ во Белград.
Со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, Вучиќ беа домаќини на Кривокапиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама и вицепремиерот на Македонија, Никола Димитров.
„Прекрасна вечер во ресторанот Салон 1905 со пријателите од регионот, Еди Рама, Здравко Кривокапиќ и Никола Димитров. Ана Брнабиќ и јас на нашите гости им претставивме одлични српски вина и можевме да ги споредиме со многу добри француски вина. Нашето пријателство е пријателство за иднината на целиот регион“, напиша Вучиќ на Инстаграм.
Договорот „Отворен Балкан“, кој во јули во Скопје го потпишаа претседателот на Србија и премиерите на Албанија и Македонија, треба да овозможи укинување на граничните контроли меѓу овие земји по неговото стапување во сила на 1 јануари 2023 година.
И тоа подразбира создавање на заедничка економска зона меѓу овие три земји. Според потписниците на договорот, тој се заснова на истите слободи на кои се заснова заедничкиот пазар на ЕУ: движењето на стоки, услуги, луѓе и капитал.
На овој регионален проект најпрво наречен „Мал Шенген“ се поканети и БиХ, Црна Гора и Косово, но овие земји засега не сакаат да бидат дел од оваа регионална соработка.
