Велат, немаме „кластер избори“ – ДИК изгласа зголемени надоместоци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Едногласно изгласана одлуката за зголемување на надоместоците за членовите на избирачките одбори и општинските изборни комисии за предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули. Со ваквата одлука, сто процентно зголемување ќе добијат членовите на избирачките одбори, додека општинските изборни комисии, ќе добијат 20 проценти поголем надоместок поради успешното организирање на изборите.

„Голема благодарност до членовите на избирачките одбори кои директно беа подложени на голем контакти со гласачите, но почитувајќи ги здравствените протоколи и правните процедури ние денеска нема кластер „избори“. Затоа се согласувам за зголемување на нивниот надомест од 100 отсто. Исто така го зголемивме надоместокот за 20 проценти на општинските изборни комисии заради успешно спроведување на организација, морам да напоменам дека изборите беа успешно спроведени  а како резултат на тоа е промената на овој правилник и одлуката која денеска ќе ја донесеме“, истакна Елизабета Постоловска.

Постоловска истакна дека по 6.000 денари надомест ќе добијат и здравствените работници кои беа дел од посебните избирачки одбори и кои успешно го спроведоа гласањето за лицата во изолација и Ковид болни.

„Избирачките одбори и граѓаните беа посебни херои на овие вонредни избори што се нотираше во изештаите на ОБСЕ /ОДИХР, а вчера ни стигна и признание од нашите најголеми партнери САД преку претставникот Метју Палмер кој рече дека изборите беа фер и демократски и добро организирани иако беа оддржани вовонредни околности“, посочи Енвер Салихи.

Благодарение на строгото придржување на протоколот на Комисијата за заразни болести Државната комисија направи изборите да бидат безбедни и ги заштити граѓаните на овие избори.

„Ние строго го почитувавме правилникот почнувајќи од почетокот а тоа е од печатењето на материјалот, Киро Дандарот комплетно ги изработи сите гласачки ливчиња, на време ги дезинфицира и под посебен протокол беше и транспортот исто така и на денот на изборите беше се според протокол кој на нас како Државна изборна комисија ни беше предизвик и во тоа успеавме да спроведеме фер, слободни и безбедни избори за граѓаните. Тоа го ветувавме, тоа и го направивме“, вели Јанаќе Витановски.

Претседателот на ДИК Оливер Дерковски посочи дека членовите на ДИК нема да земат никакви надоместоци освен основната плата. Сумите што се определени не отстапуваат од буџетскиот лимит, со оглед на тоа што се заштедени средства предвидени за гласањето на дијаспората и јавните набавки. Тој нагласи дека техничкиот проблем што настана ноќта по завршувањето на изборите во никој случаи не влијаел на изборните резултати.