Во сведочењето на началникот Дејан Димовски за судењето на Љупчо Палевски – Палчо и соизвршителите, беа изнесени нови детали за истрагата што ги поврзува осомничените со свирепите убиства. Влатко Кекишев, еден од осомничените, под притисок почнал да открива информации кои ги насочиле истражителите кон нови сознанија.
„Кешишев првично тврдеше дека не го напушта објектот на политичката партија. Кога го прашавме дали бил во Велес, рече дека не бил. Но од неговото однесување и разговори знаевме дека нешто крие,“ изјави Димовски.
Според Кешишев, тој му готвел на Палчо и му правел кафе кога имал гости, споменувајќи некој Веља, но одбивал да каже кој е тој. Подоцна, преку системски проверки, истражителите откриле дека Веља е всушност Велибор Манев од Велес, кој живеел на иста улица со киднапираниот и убиен Панче Жежовски.
Димовски објасни дека Кешишев, по долг разговор, конечно признал дека учествувал во злосторството, но не дал детали веднаш.
„Тогаш рече дека со Палчо оделе кај Бразда, каде што Палчо му покажувал место каде сакал да гради некој објект,“ додаде Димовски.
Оваа информација била клучна за натамошниот тек на истрагата.
На рано утро, околу 4-5 часот, истражителите заедно со Кешишев се упатиле кон местото на Бразда, каде што им била покажана локацијата на запаленото возило. Кешишев исто така изјавил дека Палчо имал „свои луѓе“ во полицијата, што дополнително го вознемирувало и плашело.
Со новите откритија, истрагата почнала да добива јасна насока, поврзувајќи ги осомничените со злосторствата во Велес и Скопје.