Британската министерка за образование, Бриџит Филипсон, објави дека ќе биде воведен „некаков вид“ ограничувања за користење на социјалните медиуми за лица под 16 години, како дел од новите мерки насочени кон заштита на децата на интернет.
Филипсон за „Скај њуз“ изјави дека владата ќе преземе дополнителни чекори за подобрување на безбедноста на младите луѓе на интернет, вклучувајќи можни ограничувања поврзани со возраста и функционалноста за пристап до социјалните платформи.
Таа изјави дека деталите сè уште се разработуваат преку консултации со експерти, активисти и семејства.
„Јасно ни е дека, без оглед на исходот од консултациите, ќе воведеме некаков вид ограничувања во однос на возраста или функционалноста за деца под 16 години“, рече Филипсон.
Владата разгледува и дополнителни мерки, како што е можен „полициски час“ за користење на социјалните медиуми, но е нагласено дека ова нема да биде единствената опција.
