Велковски: Младите не заминуваат поради парите, правиме напори да ги вратиме иселениците во државата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, синоќа гостуваше во емисијата „Бизнис 21“ на ТВ21. Дебатиравме на различни теми, а на почетокот на емисијата во фокусот беа младите.

Велковски истакна некои од причините зошто младите заминуваат од државата.

„Денес како што гледате во Македонија платите, освен оние кои што работат во државната администрација кои што дефакто викаат дека им се ниски платите нели одредени примања согласно звањата кои што ги обработуваат, во приватниот сектор денеска не само што имаме солидни плати, имаме и недостаток на работна сила којашто се бара постојано. Недостатокот на сила ги зголемува платите по природен пат“, вели Велковски и додаде дека парите не се фактор поради кој младите заминуваат.

Велковски рече дека министерството презема мерки за да се вратат младите во Македонија.

„Точно дека заработуваат повеќе во западните земји, но ако ги пресметате сите они трошоци кои таму ги имаат, ќе видите дека трошат многу повеќе за станбен простор, нели кај што живеат, многу повисоки се цените пазарни и секојдневни потреби на нив“, вели Велковски.

Според него, доколку тие се вратат во својата земја, овие трошоци ќе бидат намалени.

„Ние преземаме сет на мерки во секој еден сегмент за да имаат и среден социјален дел, образовен, здравствен. Ние не говориме за тоа да им понудиме плата која што ќе ги задоволи, а сето друго да го занемариме“, вели Велковски.

Со Велковски дебатиравме и за цените на становите, кој ги нарече „вртоглави“.

„Според мене, цените на становите во Скопје се вртоглави. Не можеш да си дозволиш да си купиш една тераса, а не да размислуваш за стан“, изјави Велковски.

Заменик-министерот рече дека е недозволиво да се чека толку долго време за прием во градинка, и дека во моментов 2500 деца чекаат да се запишат во градинка.

За растот на платите, Велковски кажа дека поддржува раст на платите, но дека тоа треба да биде сторено по соодветна методологија.