„Проширете ги улиците, доволно ги ширевте џебовите“, „Не треба две улици, туку една улица и едно шеталиште“, „И велосипедите имаат место на патот“.
Со овие пароли и свирежи, велосипедистите од Струга излегоа на протест пред општинската зграда за да побараат велосипедска патека на регионалниот пат Струга-Охрид.
Демонстрантите имаа четири барања до надлежните институции и велат дека нема да запрат сѐ додека не се исполнат.
„Нашата цел е чиста, нашата цел е благородна. Ние сакаме велосипедски патеки, сакаме пат за нашите деца, за љубителите на спортот, со цел и тие да се движат како останатите. Да создадеме нова култура во нашиот град, и покрај асфалтот, и покрај возилата…. При секое наредно асфалтирање да има патеки и за велосипедистите“, истакна Ндерим Положани.
На 7-ми март годинава на регионалниот пат Струга-Охрид, во делот кој главно го користат граѓаните за прошетка и возење велосипед, во несреќа загина 17-годишно момче. Овој трагичен настан ги натера членовите на „Велосипедскиот клуб“- Струга да преземат мерки и преку протест да побараат од општината да го реши проблемот со овој патен правец.
