Венецијанската комисија во Скопје за нацрт-законот – Фетаи: Новиот закон ќе биде многу поадекватен од балансерот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тим од Венецијанската комисија престојува во Скопје во рамки на подготовките за нивното мислење за Законот за правична и адекватна застапеност. Денес се одржа состанок на кој беа разгледувани следните прашања поврзани со нацрт-законот:

Дали овој закон ја унапредува правичната и адекватната застапеност, земајќи го предвид решението на Уставниот суд за укинување на Балансерот?

Дали ја промовира еднаквоста преку позитивна акција и елиминирање на бариерите при вработување?

Дали нацрт-законот е во согласност со другите уставни принципи, како што се: слобода и основни човекови права, слободно изразување на етничката припадност, владеење на правото и заштита на приватноста на сите граѓани?

Дали е ефикасен механизам Координативното тело на Владата, кое се формира со овој закон, за обезбедување на почитување, унапредување, афирмација и мониторинг на правичната и адекватна застапеност?

Вицепремиерот Арбен Фетаи изјави дека побарале мислење од Венецијанската комисија со цел нацрт-законот да биде целосно усогласен со Уставот и европските стандарди, елиминирајќи простор за понатамошни толкувања или оспорувања.

„Веруваме дека оценката на Венецијската комисија по овие четири прашања ќе биде гаранција за силен и одржлив закон, како од правно-уставен, така и од институционален аспект. Со овој закон, правичната и адекватна застапеност, за првпат, станува јасна и применлива законска обврска за секоја институција – и на државно и на локално ниво“, вели Фетаи.

По добивањето на мислењето од Венецијанската комисија, законот ќе започне да се разгледува во Собранието. Фетаи изјави дека се отворени и за предлози од опозициските партии преку амандмани во рамките на парламентарната расправа.

„Немаме видено конкретен предлог од опозицијата, но секако, секое решение што доаѓа од нив, а е во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните, нивната благосостојба и напредокот на државата, ќе добие поддршка од парламентарното мнозинство“, рече Фетаи.

Овој нацрт-закон доаѓа по укинувањето на Балансерот од страна на Уставниот суд, кој претставуваше механизам за мерење на вработувањата во јавниот сектор според етничката припадност.