Ветени 300, а санирани само 25 километри пат! – Што се случи со реконструкцијата на магистралните патишта?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Што се случи со ветувањето за санирање на 300 километри пат во западниот дел од земјава, од кои досега се реконструирани само 25 километри? Магистралните патишта Кичево-Битола до Граничниот премин со Грција „Меџитлија“, се 300 км кои требаше да бидат санирани за една година. Ова е ветувањето на екс-директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, кое датира од октомври минатата година.  

Кога ТВ21 го праша Китанов – за колку време ќе бидат изградени овие 300км, тој увери дека во рок од една година горенаведените патишта ќе бидат целосно санирани.

Но, иако помина една година од ветувањето што го даде Китанов, магистралните патишта се во иста состојба – со дупки на секои 100 метри. 

„Се наоѓаме на патот Другово-Демир Хисар, за кој минатата година во октомври беше ветено дека ќе биде реконструирн. Заедно со овој, ветен беше и патот Демир Хисар-Крушево, Крушево-Кривогаштани и Битола-Меџитлија. Но, судејќи по информациите и состојбата на терен, ниту еден не е саниран“, вели репортерката на ТВ21.

ТВ21 контактираше и со актуелниот директор на ова претпријатие, Ејуп Рустеми, кој рече дека овие патишта се во фаза на проектирање и дека ќе се реализираат веќе следната година.

„Додека ги немаме комплетно ревидираните проекти не можеме да го распишеме тендерот. Во моментот кога ќе ги добиеме целосно, ќе распишеме тендер за четирите патни правци кои ги спомнавте. Се надевам дека наскоро ќе дојдат проектите целосно ревидирани и сите ќе биде распишани на тендер за да се реализираат следната година“, посочи Ејуп Рустеми.

Од 300 километри пат во западниот дел од држава, кои требаше да се направат за една година, саниран е само патниот правец Кичево-Македонски Брод, регионален пат во должина од над 25 километри кој чинеше 190 милиони денари.