Ветува реформи и ВАР систем – Масар Омерагиќ избран за нов претседател на ФФМ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„ФФМ доби нов претседател. Делегатите гласаа за единствениот кандидат за претседател, Масар Омерагиќ кој доаѓа на местото на Мухамет Сејдини“, вели репортерот на ТВ21.

-Имаше ли против? Нема. Воздржани нема. Констатирам делка кандидатот Масар Омерагиќ е избран за претседател на ФФМ со акламација…

Омерагиќ, кој покрај себе ги имаше двајцата најголеми поддржувачи Горан Пандев и Агим Ибрахими, ја доби довербата на присутните 62 делегати на собранието на ФФМ. По изборите рече дека веднаш ќе почне со работа. Според него, ВАР системот ќе мора итно да се инсталира на стадионите.

Омерагиќ рече дека е свесен за предизвиците кои претстојат, за тешката и напорна работа, но рече дека со работа се се постигнува.

Новиот претседател зборуваше и за селекторот Милевски, за кого рече дека не планира да го замени со друг, поради постигнатите резултати во натпреварите од Лигата на нации. Сепак, тој потенцираше дека треба да се тргне настрана огорченоста и да се повикаат фудбалери кои заслужуваат да бидат повикани во репрезентацијата, алудирајќи на Аријан Адеми и Стефан Ристовски.

Инаку, на предлог на новиот претседател, легендата на македонскиот фудбал, Горан Пандев е назначен за спортски директор на сите македонски репрезентации. Исто така, две фигури на фудбалот во земјава, Илија Најдоски и Агим Ибраими, поранешни репрезентативци на Македонија, се именувани за советници во кабинетот на претседателот на ФФМ.