ТВ21 денеска забележа долги редици на граѓани кои чекаа за да го купат албумот Панини за ЕП 2020 година.

Овој албум содржи 654 нумерирани слики со фудбалери од 24 репрезентации, специјални слики со амблеми, групна слика и слики во акција, како и дополнителни 14 брендирани слики на крајот.
Албумот доаѓа со шест сликички и чини 80 денари, а едно пакетче со пет сликички е 40 денари.

Во 11-тата книга за налепници на ЕУРО, оваа година, колекционерите љубители на фудбалот ќе имаат можност да лепат сликички и од фудбалерите на Македонската фудбалска репрезентација.
Помеѓу 654-те полиња за сликички на 97-те страници на албумот, ќе се најдат и нашите Горан Пандев, Елиф Елмас, Столе Димитриевски, Бесарт Ибраими, Езџан Алијоски, Енис Барди и останатите играчи од тимот кој е помеѓу 24-те нации учеснички на финалето во Европското првенство во фудбал кое ќе се одржи ова лето.
Шестнаесеттото Европско првенство во фудбал ќе се одржи од 11 јуни до 11 јули во 12 градови домаќини ширум Европа.
Македонската фудбалска репрезентација, првиот натпревар го игра на 13 јуни, против репрезентацијата на Австрија.
