Во Иран одекнаа две експлозии во кои загинаа најмалку пет лица. Режимот ги демантираше гласините дека целта бил еден воен командант. Инцидентите се случуваат во време на зголемени тензии во регионот, пишува „Скај њуз“.
Major explosion reported in a building in Azadegan district, Bandar Abbas (Iran).
— TRIDENT (@TridentxIN) January 31, 2026
Local reports cite an unusually intense blast sound. pic.twitter.com/NfB4gEuphn
Една експлозија се случила во јужното иранско пристаниште Бандар Абас, каде, според извештаите на локалните медиуми, загинало едно лице, а 14 се повредени. Во втората експлозија, која се случила во Ахваз, град оддалечен повеќе од 1.000 километри, животот го загубиле четири лица, потврдија локалните власти.
Иранските власти тврдат дека двете експлозии биле предизвикани од истекување на гас, а набргу по инцидентите се огласи и Израел, наведувајќи дека „нема никаква поврзаност“ со настаните.
По инцидентите, полуслужбената новинска агенција Тасним објави дека тврдењата на социјалните мрежи, според кои цел на нападот бил командантот на морнарицата на Револуционерната гарда, се „целосно лажни“.
Според извештајот на новинската агенција Фарс, експлозијата во Бандар Абас погодила осумкатна зграда и предизвикала сериозна штета на првите три ката. Радио Персиски Залив наведува дека биле оштетени и неколку автомобили и продавници. На местото веднаш биле испратени спасувачки и противпожарни екипи, а причината за експлозијата засега не е позната. Снимките што ги објави агенцијата Фарс прикажуваат расфрлано стакло и остатоци на местото на настанот.
Зголемени тензии во регионот
Пристаништето Бандар Абас се наоѓа на стратешки важниот Ормуски теснец, клучен поморски пат меѓу Иран и Оман, низ кој минува приближно една петтина од светската нафта. Експлозиите се случуваат во време на растечки тензии, додека Соединетите Американски Држави го зголемуваат своето воено присуство во регионот.
Иран неодамна се соочи и со масовни протести предизвикани од економски проблеми, кои брзо прераснаа во обид за соборување на режимот. Протестите беа задушени од Иранската револуционерна гарда, а се проценува дека загинале неколку илјади луѓе.
Претходно оваа недела, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „голема армада“ се движи кон Иран, предупредувајќи дека „доколку двете земји не постигнат договор, ќе видиме што ќе се случи“.
