ВИДЕО: Експлозија во близина на Црвената тврдина во Њу Делхи, најмалку осум мртви

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Најмалку осум лица загинаа во експлозија во близина на иконската Црвена тврдина во густо населена област на индиската престолнина Њу Делхи, соопшти градската полиција.

Локалните медиуми прикажаа слики од пламен и чад што се издигаат од неколку возила на улица во близина на метро станица во стариот Њу Делхи.

Автомобил експлодираше во близина на Црвената тврдина, а причината е под истрага, изјави портпаролот на градската полиција Санџај Тјаги.

Локалните телевизиски станици објавија дека најмалку 11 лица се повредени. Пожарникари и полицајци брзо се упатија кон местото на настанот, објави каналот NDTV.

Најмалку девет возила беа во пламен, изјави заменик-шефот на противпожарната служба на Делхи, додавајќи дека противпожарните екипи го изгаснале пожарот.

Црвената тврдина, позната во Индија како Лал Кила, е тврдина од ерата на Могулите од 17 век, која ја посетуваат туристи во текот на целата година.