ВИДЕО Голема бура во Букурешт: Ветерот корнел дрвја и покриви, едно лице загина!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Жителите на Букурешт вчера добија итно предупредување за силни бури, град и обилни дождови. Неколку области под највисоко ниво на тревога на Романската метеоролошка служба регистрираа екстремни временски услови, објавија романските медиуми. Една жена почина во Отопени, град во близина на Букурешт, каде што се наоѓа главниот аеродром.

Според извештајот на романските служби за вонредни ситуации, жената била во својата куќа кога покривот на блиската зграда се урнал врз нејзиниот дом. Во Букурешт, неколку дрвја паднале на патиштата, а две лица биле повредени откако биле погодени од гранки и однесени во болница. Синоќа, центарот за итни случаи на службите за вонредни ситуации за Букурешт и околните области примил повеќе од 130 повици.

Откако беше издадено предупредувањето за окрузите Дамбовица, Ѓурѓу и Илфов, беа пријавени штети на седум места во Илфов и Ѓурѓу. Службите отстрануваа делови од покривите на три згради и 15 дрвја што паднале на патиштата, а два автомобила беа оштетени.

Во Букурешт, кој исто така беше под највисоко ниво на предупредување, ветерот откорна делови од покривите и фасадите на неколку згради, а неколку дрвја паднаа на улиците. Ветерот го однесе и покривот на зградата на Полициската академија, а неколку училници беа поплавени.

Службите за итни случаи ги предупредија жителите да останат во затворен простор за време на бурата, да не паркираат под дрвја или во близина на нестабилни структури, да ги исклучат електричните апарати ако забележат прекини на електричната енергија и да не ги допираат паднатите електрични кабли бидејќи може да бидат под напон.

Највисокото предупредување беше на сила до 20 часот и ги опфати Букурешт и окрузите Илфов, Браила, Јаломица, Ѓурѓу, Бузау и Калараши. Летовите од Отопени беа пренасочени поради бурата. Повеќето од авионите што чекаа подобрување на временските услови успеаја да слетаат во Букурешт. Порталот boardingpass.ro објави дека 15 авиони кружеле над Букурешт чекајќи дозвола за слетување.