ВИДЕО: Иран претстави нова балистичка ракета

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иран претстави нова балистичка ракета со дострел до 1.200 километри, објавија државните медиуми. „Балистичката ракета на цврсто гориво „Гасем Басир“, со дострел од најмалку 1.200 километри, е најновото одбранбено достигнување на Иран“, објави иранската државна телевизија.

Западните земји се загрижени за напредокот на иранската програма за балистички ракети, која веќе е обвинета за дестабилизација на Блискиот Исток и чии ракетни капацитети го ставаат Израел, неговиот заколнат непријател, во дострел. Државната телевизија објави видео од лансирањето на новата ракета за време на интервјуто со министерот за одбрана, генерал Азиз Насирзадех.

„Доколку нè нападнат и биде покрената војна против нас, ние ќе возвратиме насилно и ќе ги таргетираме нивните интереси и бази“, рече министерот, додавајќи дека Иран „не негува непријателство кон соседните земји, но американските бази се ирански цели“.

Претставувањето на новата ракета доаѓа во време кога Техеран и Вашингтон водат разговори со посредство на Оман од 12 април, први на тоа ниво откако САД се повлекоа од меѓународниот договор за ограничување на нуклеарната програма на Иран. На почетокот на мај, американскиот државен секретар Марко Рубио во интервју за „Фокс њуз“ го повика Иран да „се откаже од изградбата на ракети со долг дострел кои немаат друга намена освен да поседуваат нуклеарно оружје“.