На Фејсбук страницата на Националниот парк Шар Планина е објавено видео каде се гледа како поголема кафеава мечка се шета со своите две малечки мечиња.
„Кафеавата мечка е еден од најзначајните видови на Шар Планина. Овој сештојад вид се храни со растенија, плодови, инсекти, како и со мали и поголеми животни. Како строго заштитен вид, мечката има суштинска улога во одржувањето на природната рамнотежа во националниот парк и пошироко на Балканот. Во видеото, планинари на високопланинските пасишта ги среќаваат мечката и нејзините две мечиња, родени во јануари–февруари 2025 година. Малечките ќе учат од мајката како да преживуваат во дивината во следните две години. Тие се љубопитни, но се оддалечуваат од луѓето, што е типично однесување за мечки“, соопштија од Националниот парк.
Во објавата се вклучени и совети за евентуални средби со мечки:
Средби со кафеавата мечка – што треба да знаете?
Средбите со мечки се исклучително ретки, бидејќи тие се многу срамежливи и ги избегнуваат луѓето.
Мечките имаат развиени сетила за мирис и слух и можат да детектираат човек од голема оддалеченост.
Како да избегнете средба:
Зборувајте погласно, пејте или правете шум при движење.
Избегнувајте густи грмушки.
Не оставајте храна или отпад зад себе.
Селфи со мечка?
Никогаш не се обидувајте да фотографирате мечка, тоа е опасно.
Што да направите ако видите мечка:
Застанете мирно, зборувајте смирено за мечката да ве забележи.
Не трчајте и полека движете се настрана без нагли движења.
Обидете се да изгледате поголеми – исправете се и кренете ги рацете.
Ако имате спреј за мечки, користете го само ако мечката се приближува премногу.
Ако видите младенче:
Секогаш има мајка во близина – повлечете се полека и смирено.
Ако мечката се подигне на задните нозе:
Тоа не е напад, само се обидува да добие подобар поглед или мирис.
Во случај на напад:
Легнете на земја, со рацете зад вратот, престанете да се движите и симулирајте неподвижност додека мечката не се оддалечи.
Опрема за поголема безбедност:
Спреј за мечки – ефикасен на далечина до околу 8 метри.
Ѕвонче за мечки – дава рано предупредување и ја спречува блиска средба.
„Видеото потсетува дека кафеавата мечка е редок и строго заштитен вид. Да ја почитуваме, да и оставиме простор и да придонесеме за безбедноста на природата и на луѓето“, велат од Националниот парк.
