Михаела Јаневска успешно се справи со коронавирусот. Девојката која е веќе пуштена дома, се реши со музика да даде поддршка на вработените на Инфективната клиника. Стигна благодарност и од министерот Венко Филипче.
„Откако се изборив со коронавирусот и ја напуштив болницата со два негативни теста, се чувствувам како најсреќниот човек на светот. Многу сум среќна што сум конечно дома, бидејки своеволно отидов директно од авион во болница. Големо благодарам до сите доктори и медицински сестри кои се грижеа за мене и продолжуваат да се грижат за сите останати. Денеска пеам за сите нив и за сите пациенти кои се се уште во болница.“, напиша Јаневска.
Филипче се заблагодари на пораката од Јаневска, истакнувајќи дека поддршката во овие тешки мигови многу значи за сите здравствени работници.

