Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кому му претстојат најнеизвесните избори во неговото 20-годишно владеење, синоќа го прекина телевизиското интервју поради стомачни проблеми. Ердоган даваше интервју во живо на турска телевизија кога програмата беше прекината на околу 20 минути бидејќи на турскиот претседател ненадејно му се слоши, јави Би-Би-Си.
Камерата се затресе, а репортерот кој го поставуваше прашањето стана од столот. Неидентификуван глас се слушна како зборува од зад камерите. Ердоган набрзо се врати пред камерите и им се извини на гледачите, признавајќи дека размислувал да го откаже интервјуто.
Erdoğan’s live broadcast with the journalists tonight was abruptly cut off after muffled noises coming from the mics. It worried many people.
— Ragıp Soylu (@ragipsoylu) April 25, 2023
Erdogan is now back, says he had a stomach emergency and he was very tired.
pic.twitter.com/sfRgm0MaHQ
Почетокот на интервјуто доцни час и половина
„Вчера и денеска работевме напорно. Затоа добив стомачен вирус… Барам прошка од вас и од нашата публика“, рече тој. Инаку, интервјуто почна со час и половина задоцнување поради предизборните активности на Ердоган. „Се разбира дека одвреме-навреме се соочуваме со проблеми во услови на толку напорен распоред“, рече Ердоган.
„Фала му на Бога, нашиот претседател е во добра здравствена состојба“, напиша на Твитер портпаролот на Ердоган Ибрахим Калин по инцидентот. На 69-годишниот Ердоган, кој е на власт од 2003 година, му претстои тешка политичка битка на изборите на 14 мај, пишува Политико.
Киличдароглу му посака брзо закрепнување
Опозициската коалиција, составена од шест партии од целиот политички спектар, се обедини зад 74-годишниот Кемал Киличдароглу, поранешен бирократ кој води на изборите. Гласовите на Курдите, кои сочинуваат една петтина од 85-те милиони жители на Турција, би можеле да играат одлучувачка улога на изборите.
Иако Киличдароглу не беше формално поддржан од главната прокурдска Демократска партија на народите (ХДП), таа не номинираше свој претседателски кандидат, со што ги загрози изгледите на Киличдароглу на изборите. Киличдароглу, наречен турски Ганди поради неговата витка градба и нежно однесување, му посака на Ердоган „брзо закрепнување“ откако му се слоши за време на интервјуто.
Ердоган ги откажа најавените предизборни собири поради „полесна болест“. „Денес ќе одморам дома како што советуваат нашите лекари“, напиша Ердоган на Твитер, наведувајќи ги здравствените проблеми што ги имал претходниот ден. Претседателот рече дека ќе ја продолжи кампањата во четврток. Ердоган денеска требаше да одржи предизборни говори во три провинции во централна Анадолија.
