ВИДЕО Нападнат Азербејџан: Беспилотните летала го погодија аеродромот, има повредени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Азербејџан го обвини Иран за извршување напади со беспилотни летала на негова територија, при што беа повредени две лица.

Брон се урна во терминалната зграда на меѓународниот аеродром во Нахчиван, азербејџанска енклава што граничи со северен Иран, соопшти во понеделник Министерството за надворешни работи на Азербејџан.

Аеродромот се наоѓа на околу 10 километри од иранската граница, објави Скај њуз.

Друг дрон се урна во близина на училиште во блиско село, се вели во соопштението.

„Овој напад на територијата на Азербејџан е спротивен на нормите и принципите на меѓународното право и придонесува за зголемување на тензиите во регионот“, соопшти министерството.

„Бараме Исламската Република Иран што е можно поскоро да го разјасни овој случај, да даде објаснување и да преземе итни мерки за да се спречи повторување на вакви инциденти во иднина“, се вели во него.

Ова е прв пат Азербејџан да пријави таков инцидент откако конфликтот избувна минатиот викенд.

Некои ирански напади се протегаат надвор од непосредниот Блиски Исток – Турција вчера објави дека била принудена да собори ирански балистички ракети што влегле во нејзиниот воздушен простор, а Техеран денес негираше учество во тој напад.