ВИДЕО: Под урнатините во Сирија се родило бебе

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во урнатините на куќа во Јандаирис, Сирија, место тешко погодено од катастрофален земјотрес, спасувачите пронајдоа живо новороденче, сè уште поврзано со папочната врвца со мајката, која не преживеа.

Девојчето е единственото преживеано од семејство чии членови загинаа во уривање на четирикатница.

Во тоа село на границата со Турција, спасувачите ги извлекле телата на нејзиниот татко Абдула Млеихан, мајката Афра, трите сестри, братот и тетката.

„Го баравме Абу Рудајн (прекарот на Абдула) и неговото семејство. Прво ја најдовме неговата сестра, потоа неговата сопруга и него, тие беа еден до друг“, изјави за AFP семејниот пријател Халил Савади, кој беше во шок.

„Потоа слушнавме глас додека копавме (…) и набрзо најдовме мало бебе, фала му на Бога“, рече тој.

Детето се уште било поврзано со мајката со папочната врвца. Ја исековме и братучед ми го однесе детето во болница“, додаде Халил Савади.

На видео кое кружи на социјалните мрежи, се гледа како маж крева дете во раце среде урнатините, целосно голо, правливо и со папочната врвца која виси. Спасувачите веднаш го завиткале детето бидејќи температурата била околу нула и го пренеле во блиската болница.

Додека ја чека идентификацијата на останатите членови на семејството, Халил Савади ги изговара нивните имиња.

„Не избркаа од Деир Езор, Абдула е мој зет, оженет сум со неговата сестра“, рече тој.

Семејството побегна од нестабилната провинција Деир Езор на исток, мислејќи дека ќе бидат побезбедни во Џандаирис, село контролирано од турските сили и протурските бунтовнички групи од 2018 година.

Околу 50 куќи се урнаа на тоа место во северозападна Сирија, релативно блиску до епицентарот на земјотресот во Турција, каде урнатините лежат покрај патот, јави репортер на АФП од местото на настанот. Повеќе од 5.000 луѓе загинаа во земјотресот што ги погоди Турција и Сирија. Само во областа надвор од контролата на сирискиот режим, каде помошта е тешко достапна, во моментов има околу 800 загинати.

Белите шлемови, спасувачи кои работат во областа, велат дека повеќе од 200 згради се урнати на земја. Таа група во вторникот ги повика меѓународните хуманитарни организации да помогнат на оштетената и запуштена област. „Нема време. Стотици луѓе сè уште лежат под урнатините“, рече таа.