Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова утрово во Охрид ги пречека гостите, учесници на Самитот на Процесот Брдо-Бриони, заедно со коорганизаторите на самитот, претседателите на Словенија и Хрватска, Наташа Пирц-Мусар и Зоран Милановиќ.
По официјалниот пречек, започна работниот дел од средбата, на кој учествуваат и вршителот на должноста претседател на Србија, Александар Чупиќ, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседавачката и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Даријана Филиповиќ, како и претседателите на Албанија и Косово, Бајрам Бегај и Јустина Широка-Пула.
По завршувањето на средбата, во 14:30 часот е најавена заедничка прес-конференција на Сиљановска-Давкова, Пирц-Мусар и Милановиќ.
Во рамки на самитот предвидени се и билатерални средби меѓу учесниците.
Самитот во Охрид го означува третото претседавање на Северна Македонија со Процесот Брдо-Бриони. Лидерите на земјите учеснички се среќаваат еднаш годишно, со што се одржува редовен политички дијалог.
Процесот Брдо-Бриони се темели на солидарноста и партнерството меѓу земјите од регионот во процесите на европска интеграција, со цел поттикнување политички дијалог на највисоко ниво, зајакнување на довербата и интензивирање на дијалогот меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија.
Процесот има за цел и зајакнување и унапредување на регионалната соработка во области од заеднички интерес, како што се инфраструктурните проекти, транспортот и енергетската политика.
Тој овозможува размена на информации за внатрешнополитичките состојби во земјите од регионот, конструктивни дискусии за прашањата и предизвиците што произлегуваат од актуелните случувања во регионот и Европа, како и заеднички анализи за влијанието на европските и глобалните случувања врз регионот и секоја земја одделно.
Процесот придонесува и за зајакнување на економската соработка меѓу земјите и за економскиот развој на регионот.
