ВИДЕО: Силно невреме во Њујорк и Њу Џерси – метрото поплавено, летовите откажани

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Националната метеоролошка служба на САД издаде предупредување за ненадејни поплави за сите пет окрузи на Њујорк, додека во соседниот Њу Џерси е прогласена вонредна состојба, откако обилните дождови предизвикаа сериозни поплави во неколку делови од државата.

Силни врнежи го зафатија Њујорк и околните предградија, поплавувајќи делови од метрото, главни сообраќајници и аеродроми. Според N1 Загреб, доцнењата на летовите достигнуваат до три часа, а некои се и целосно откажани.

Гувернерот на Њу Џерси, Фил Марфи, преку социјалната мрежа X апелираше до граѓаните да не патуваат без потреба и да останат дома, предупредувајќи на материјална штета и затворени патишта, особено во централниот дел на државата.

Истовремено, гувернерката на Њујорк, Кети Хокул, изјави дека патиштата се во критична состојба, особено во окрузите Вестчестер и Рокланд, каде биле спроведени спасувачки операции.

На аеродромите Њуарк и Ла Гвардија беа суспендирани сите пристигнувања и заминувања до доцна вечерта, додека на Џон Ф. Кенеди доцнењата се просечно три часа. Аеродромот во Филаделфија исто така ги прекина операциите, поради поплави на неколку патишта во градот.

Според официјалните прогнози, во долината Хадсон се очекува да паднат од 12 до 18 сантиметри дожд, што ја зголемува опасноста од дополнителни поплави. Колумбија, Алстер и Дачес се меѓу најзагрозените окрузи.

Невремето што го погодува североисточниот дел на САД доаѓа само една недела по трагичните поплави во Тексас, каде животот го загубија најмалку 120 лица, а околу 170 се водат како исчезнати.

Освен Њујорк и Њу Џерси, предупредувања за поплави се издадени и за делови од Пенсилванија, Конектикат и Северна Каролина, вклучувајќи ги Филаделфија, Левитаун, Камден, Берген, Чапел Хил и Карборундум.

Метеоролозите најавуваат дека невремето ќе продолжи и во наредните 24 часа, со силни врнежи, бури и опасност од излевање реки, особено во урбаните средини каде дренажниот систем е под голем притисок.