Општина Гази Баба од рано утрово започна нова акција за рушење на бесправно изграден објект, со што, како што нагласува градоначалникот Бобан Стефковски, повторно се испраќа јасна порака дека нема компромис со почитувањето на Законот.
Станува збор за дивоградба која се градела без соодветно одобрение, а во моментот на интервенцијата била во приземје, односно во карабина фаза. И покрај тоа што претходно било издадено решение од градежен инспектор за стопирање на градбата и затворање на градилиштето, инвеститорот продолжил со градежни активности, со што директно го прекршил законот.
Акцијата за рушење започнала во 05:00 часот наутро, по претходна координација со Министерството за внатрешни работи и фирмата ангажирана за уривање на објектот.
Покрај рушењето на овој објект, надлежните спречиле и изградба на уште два нови бесправни објекти, кои биле во почетна фаза, со веќе ископани темели, на истата локација, веднаш до дивоградбата што се рушеше.
Ова е втора акција за рушење на дивоградби во општината во рок од само седум дена. Градоначалникот Стефковски упати апел до граѓаните да го почитуваат Законот и да не започнуваат со градба без соодветно одобрение од општината.
„Компромис со почитување на Законот ниту сум правел, ниту ќе правам“, порача Стефковски.
