Видеолотарија Касинос Австрија останува доследна на својата силна определба за промоција и поддршка на уметноста. Во рамки на партнерството со Национална опера и балет, со особено задоволство ја најавуваме безвременската опера „Травијата“ од Џузепе Верди, која вечерва од 19:30 часот ќе биде изведена на сцената на НОБ.
Инспирирана од романот „Дамата со камелии“, операта „Травијата“ е длабока и потресна приказна за љубовта, жртвата и судирот со општествените норми – ремек-дело што со својата страст, драматургија и незаборавна музика со децении ја освојува светската публика.
Претставата е во режија на Верена Штојбер од Германија, под диригентство на гостинот од Италија, Лоренцо Бицари.
Во насловната улога, Виолета Валери, ќе настапи Наде Талевска, додека Благој Нацоски ќе го толкува ликот на Алфред Жермон, а Марјан Јованоски – Жорж Жермон. Во останатите улоги ќе настапат: Марика Поповиќ, Александра Лазаровска Василевски, Кристијан Антовски, Драган Ампов, Никола Стојчевски, Невен Силјановски, Игор Гиновски и Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
Сценограф и костимограф е Софија Шнајдер од Германија, кореограф Саша Евтимова, концерт-мајстор Јане Бакевски и хор-мајстор Јасмина Ѓоргеска.
„Травијата“ претставува еден од столбовите на светскиот оперски репертоар, дело во кое Верди со исклучителна музичка чувствителност ги обликува ликовите и нивните внатрешни борби, создавајќи уметничко искуство кое и денес силно ја допира публиката и останува актуелно на сцените ширум светот и кај нас.
Поддршката на културните проекти е значаен дел од корпоративната стратегија на Видеолотарија Касинос Австрија. Веруваме дека културата е двигател на убавина, инспирација, духовност и заедништво – вредности што ја збогатуваат заедницата и го унапредуваат општествениот живот. Горди сме што стоиме зад настани кои ја издигнуваат културната сцена во земјата.
