70 илјади за фестивалот „Виножито“, а 1 милион денари за „Златно славејче“. Вака Град Скопје ги подели паричните средства за овие два фестивала, што според директорот на фестивалот „Виножито“ е дискриминирачки.
-Самата сума покажува. За фестивалот „Златно славејче“ 1 милион, а за „Виножито“ 70 илјади. Не разбирам зошто вака на овој начин девалвираат. Ова е тенденциозно, намерно, вели Адем Имери директор на фестивалот „Виножито“
Но, согласно кои критериуми се врши поделбата на финансиските средства? Од Град Скопје, без поопширен коментар, рекоа дека одлучуваат фер, транспарентно и недискриминаторски.
-Комисијата формирана од Град Скопје која ги разгледува апликациите одлучува на фер, транспарентен и недискриминаторски начин, велат од Град Скопје.
Имери упати критики и до општина Чаир, која веќе две години воопшто не придонела финансиски, освен минатата година.
-Општина Чаир да ги исправи грешките од 2019 година кога не даде ниту еден денар. Во 2020 ниту еден денар, само минатата година најдовме заеднички јазик и придонесе, но со многу минимална сума во однос на вредноста на „Виножито“, вели Имери.
Вака се правдаат од општина Чаир во однос на овие критики:
-Како резултат на појавата на пандемијата со Ковид-19, во 2020 година општина Чаир немаше оглас за поддршка на граѓанските здруженија, а во 2021-ва во објавата за поддршка на граѓански здруженија немаше апликација од Детскиот фестивал „Виножито“. Сепак, ние како општина покривме дел од логистичките трошоци во рамките на фестивалот, велат од општина Чаир.
Од општина Чаир велат дека за годинава наскоро ќе објават оглас за ова прашање.
Инаку, и Министерството за култура ги скрати финансиските средства за поддршка на фестивалите. Адеми, вели дека доставиле поплаки до министерството со надеж дека износот на паричните средства ќе биде зголемен. Но, и покрај кратењето на финансии и минималниот буџет со кој располага фестивалот „Виножито“, директорот Адеми уверува дека проектот сепак ќе биде реализиран.