Виси изборот на уставните судии – опозицијата бара Џафери да свика седница

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Опозицијата категорично ги отфрла обвинувањата на собранискиот спикер, Талат Џафери дека поради нивното блокирање не можат да се назначат нови судии во Уставен суд. Пратеникот на Беса, Фадиљ Зендели, вели дека седницата на Комисија за прашања на изборите и именувањата може да ја свика само претседателот на Собранието, Џафери, но како што вели, тоа не го прави поради тоа што нема волја и поради тоа што парламентарното мнозинство бега од одговорност да дебатира за прашања од државен интерес.


-Нема никаква пречка да ги свика овие седници, но зошто не ги свикува прашајте го него. Не станува збор за опструкции од некоја политичка партија или член на комисијата. Уште еднаш повторувам дека нема никаква пречка од наша страна, едноставно треба да се свика комисијата и да ги разгледаме кандидатите кои ќе се пријават да бидат дел од Уставен суд, вели Зендели.


И пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, вели дека вината не во опозицијата, туку во парламентарното мнозинство. Во овој случај Собранието го блокира функционирањето на државен орган како што е Уставен суд, додава таа.


Од власта настојуваат дека опозицијата е таа која ја блокира работата на комисијата и додаваат дека проблем не претставува само претседателот на комисијата, туку дека недостига и еден член.


Претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска, вчера му испрати писмо на собранискиот спикер, Џафери, во кое се пожали дека поради недостиг на судии е отежнато функционирањето во судот. Во писмото Кацарска пишува дека за 16 предмети не може да се донесе одлука поради недоволно мнозинство. Инаку, Комисијата за избори и именувања е без претседател откако Костадин Костадинов беше избран за градоначалник на Струмица.