Високите температури го зголемуваат ризикот од труење со храна – АХВ: Внимавајте што јадете, каде купувате и како ги чувате производите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Најавениот пораст на дневните температури, кои според метеоролозите во некои региони ќе достигнат и до 40 степени, го зголемува ризикот од појава на труење со храна, пренесува ТВ21. Високите температури претставуваат потенцијален ризик и за здравјето на животните, доколку навреме не се обезбедат доволни количини безбедна храна и вода за пиење.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за МИА велат дека за спречување на труење со храна неопходно е внимателно да се избираат производите при купување, да се обезбеди соодветен транспорт и правилни услови за нивно чување, како и да се внимава на изгледот, рокот на употреба и начинот на складирање.

Се препорачува храната да се купува од контролирани продажни места, каде што производите, особено лесно расипливите од животинско потекло, се чуваат во соодветни разладни уреди.

Според препораките, треба да се избегнува купување храна со оштетена амбалажа (вдлабната, надуена или искината). Разладените или замрзнатите производи треба да се купуваат на крајот од пазарувањето, а лесно расипливата храна, како месо, млеко и јајца, не треба долго да се задржува во автомобили и други превозни средства. Треба да се избегнува купување разладена или замрзната храна што се чува надвор од фрижидер или замрзнувач.

Разладената храна треба да се чува на температура под 5 степени Целзиусови, а храната што бара термичка обработка треба да се готви на температура над 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред консумирање треба темелно да се измијат под млаз вода, а месото, млекото и јајцата треба добро термички да се обработат.

По подготовката, храната треба да се чува во фрижидер. На горните полици треба да се поставува зготвената храна, а на долните суровата. Храната треба да биде заштитена од инсекти, глодари, домашни миленици и други животни што можат да дојдат во контакт со неа, се наведува меѓу препораките на АХВ.