Витале: НАТО и помогна на Србија да уништи 2.000 тони застарена муниција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

 Генералот Томазо Витале, шеф на воената канцеларија за врски на НАТО во Белград, денеска изјави дека во текот на 15 години откако Србија се приклучи на програмата на НАТО „Партнерство за мир“, одржани се бројни заеднички вежби за управување со последици од вонредни ситуации и заедничка обука на воениот персонал за подобро справување со безбедносните предизвици.

Во емисија на Јутјуб каналот на агенцијата за истражување на јавното мислење Демостат, Витале потсети и дека НАТО ги обучува српските војници за да бидат подготвени да учествуваат во меѓународни воени операции ширум светот.

„НАТО инвестираше милиони евра за да им помогне на напорите на Србија да ја уништи опасната застарена муниција. Досега се уништени над 2.000 тони и ова е важна тема, важна за нашата животна средина. Друга важна програма е „Наука за мир и безбедност“. Во неа Србија е многу активен учесник. Таа има учествувано во повеќе од 40 проекти, кои се занимаваат со бројни прашања, кои се многу важни на полето на безбедносните предизвици“, рече Витале, пренесува Бета.

Тој посочи дека НАТО е подготвен да даде поддршка за потребите, приоритетите и политиките на Србија, со целосно почитување на политиката на воена неутралност.

„Како Алијанса, ние го почитуваме правото на секоја суверена земја да избира сопствена надворешна политика и да ги одредува сопствените безбедносни аранжмани, без никакво мешање. Затоа, НАТО ја почитува политиката на Србија за воена неутралност и ние секогаш го нагласуваме тоа јасно и доследно“, истакна Витале.