Владата да забрани да се наплаќаат камати – Јовановиќ: Мерките малку ги штитат работниците, можни се отпуштања

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Можноста банките да наплаќаат камати во одложувањето на плаќањето на кредитите е пропуст кој оди на сметка на граѓаните. Министерката за финансии Нина Ангеловска вчера рече дека тоа ќе овозможи стабилност на банкарскиот систем. Со ова не се согласува професорот Бранимир Јовановиќ, кој вели дека тие само ќе го зголемат приходот. Доколку сите корисници на кредити ја прифатат можноста, банките би заработиле и до 137 милиони евра. Покрај за банките одложено плаќање има и кај извршителите.

„Мислам дека тоа е многу лоша одредба и треба да се ревидира. Имаше голем притисок во јавноста во однос на тоа прашање, се надевам банките сами ќе реагираат, но ако не го направат тоа мислам дека Владата има обврска да донесе уредба со која што ќе забрани да пресметуваат камати“, вели Бранимир Јовановиќ.

Јовановиќ вели дека пакетот мерки не ги заштитува доволно работниците и дека може да дојде и до масовни отпуштања и дека поради тоа во овој дел требаше да има и позасилени мерки. За да можат фирмите да добијат поддршка да нема откази и големи намалувања на платите, вели тој.

„Конкретно, во првата мерка што ја има за 14.500 поддршка на фирмите по вработен условот е фирмата да не го намали бројот на вработени, но од моментот на аплицирање за помош до крајот на септември, мислам дека беше. Тој услов треба да се ревидира  да не се однесува од моментот на аплицирање за помош, туку да се однесува во однос на бројот на вработени во февруари на пример. Затоа што фирмите може да отпуштат голем број вработени, па да аплицираат за помош“, посочува Јовановиќ.

Кога може да се очекува ударот од економската криза, Јовановиќ вели дека веќе се чувствува, но вели неблагодарно да се прогнозира како таа ќе се одрази. Не очекува големо намалување на приходите во Буџетот, а со релаксација на мерките, вели, ќе се стабилизира и државната каса.

„Никако не сакаат да направат даночна реформа односно да ги зголемат даноците за побогатите и за фирмите кои што имаат повисоки профити. Во услови на кризи тоа е најлегитимно и најправедно всушност решение и мислам дека треба сериозно да размислат за тоа затоа што мислам дека тоа може да им донесе значајна сума на приходи од 100 милиони, па дури и повеќе кои што можат да бидат витални во ваква ситуација и ако се направи тоа мислам дека не би имало проблем да се надмине кризата“, додава Јовановиќ.

Министерката за финансии Нина Ангеловска вчера презентираше три сценарија за буџетот, според кои распонот на дефицитот на Буџетот би се движел од 700 според најповолна состојба па до 1,3 милијарди евра, според најлошо сценарио.