Владата даде зелено светло за Предлог-законот за заштита од тутун, кој има за цел да ја зајакне заштитата на јавното здравје и да создаде побезбедни и поздрави јавни простори.
Од Министерството за здравство информираат дека законот е изготвен по консултации со тутунската индустрија, угостителскиот сектор, надлежните институции и со поддршка на Светската здравствена организација.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува предлог-законот што побрзо да биде усвоен и во Собранието. Според него, законот ќе стапи во сила веднаш по неговото донесување, додека угостителските објекти ќе имаат рок од 12 месеци за да ги приспособат своите простории согласно новите правила.
Со новото законско решение се утврдуваат јасни критериуми за употреба на тутун на тераси и слични простори, а се предвидуваат и построги контроли за спроведување на законските одредби.
