Владата најавува можност за докуп на стаж – ако имате 13 години стаж, ќе може да докупите две години за пензија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Граѓаните на кои им недостигаат до 24 месеци за да го остварат законскиот минимум од 15 години стаж за пензија, наскоро ќе може сами да си ги докупат за да остварат право на пензија. Ова во телевизиско гостување го најави министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски кој кажа дека предлогот веќе се разгледува во Влада. Мерката ќе се однесува на лица кои веќе не се осигуреници, имаат наполнети 62 години ако се жени, односно 64 години ако се мажи, и имаат најмалку 13 години остварен работен стаж.

„Откуп на стаж се однесува и ќе се однесува само на оние коишто веќе не се денеска осигуреници, наполниле 62-64 години, нели мажи-жени, ќе имаат право тие коишто имаат до 13 години работен стаж којшто го направиле нели во моментот кога ги наполниле годините на старост, значи 24 месеци да го откупат својот стаж, односно да платат за истиот“, додаде Ѓоко Велковски.

Ќе се работи на формулата за пресметка колку ќе треба да платат граѓаните за да си го докупат стажот, но според министерот она што се знае е дека основицата нема да биде за цела, туку за половина од просечната плата  за изминатата година.

„Да биде 50 проценти од просечната плата од минатата година, значи од годината каде што заминал, односно од 2025-та во случајов ќе биде. Значи придонесот да се плати на таа плата. Некаде отприлика, сега бројките да не ги говорам, меѓутоа зависно нели кој колку месеци му останале да замине во пензија, ќе има одредена сума којашто треба да ги уплатат самите граѓани, а потоа ќе ја добијат пензијата засметана со сите параметри согласно законот“, вели Ѓоко Велковски.

Пресметките се различни, но ако се земе предвид дека просечна плата лани била околу 45.500 денари, придонесот од 19,9 проценти, ќе се пресметува на 50 проценти, односно на основица од околу 22.750 денари. Математиката на ТВ 21 покажува дека месечно износот кој ќе треба да се плати е околу 4.500 денари или за една година 54.000 денари. Ако граѓанинот треба да откупи 24 месеци, а просечната плата остане иста, ќе треба да плати во просек  околу 108.000 денари односно околу 1.750 евра за да се стекне со право на пензија.