Еколошката такса на горивата нема драстично да ја намали потрошувачката, но со зголеменените цени негативно ќе влијаат врз буџетот на граѓаните како потрошувачка сила која претставува столб на бруто домашниот производ, велат економските експерти. Според директорот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Дриљон Исени, влијание ќе имаат и врз работата на компаниите.
„Ние сметаме дека ова може да го цементира трендот на пораст на цените, а имајќи предвид дека лани се воведе друга акциза, па така ова е доплнителен трошок, особено за компаниите кои работат во транспорт и логистиката. Ова секако дека ќе се рефлектира и во бизнисот каде ќе бидат приморени да ги зголемат цените за услугите и тоа нормално ќе ја отежни економијата и ќе ја успори куповната сила на дејноста на компаниите“, истакна Исени.
Од Стопанската комора на северозападна Македонија сметаат дека не е време да се воведат такси и доплнителни трошоци кон компаниите и граѓаните во време кога економијата има потреба од олеснување и лихвидни средства.
„Следниот период на закрепнување е многу важен за бизнисот и економијата воопшто. Ние ќе побараме од Владата да се повлече оваа такса со цел да се пролонгира за во иднина евентуално, но во овој момент сметаме дека е погрешен чекор на Владата“, додаде Исени.
Одлуката за зголемување на еколошката такса на сите горива по литар Владата ќе ја носи на денешната седница. Според Министерот за финансии, Фатмир Бесими, еколошката такса нема да влијае на инфлацијата, и тврди дека таа ќе биде 2,1 отсто, како и дека растот ќе биде во втората половина од годината, но дека ќе биде од привремен карактер.
