Опозициските партии продолжуваат да бараат предвремени парламентарни избори, и покрај тоа што веќе е формирана новата Влада. Опозиционерите сметаат дека новиот премиер нема легитимитет, па затоа, како што велат, изборите се повеќе од потребни. ВМРО-ДПМНЕ дури изразува подготвеност да седне и да разговара со малите партии за промена на Изборниот законик.
И Арбен Таравари од Алијанса за Албанците за „Утрински брифинг“ изјави дека треба да има предвремени парламентарни избори, но дека првин на новата Влада треба да ѝ се дадат 100 дена.
Оваа Влада има целосен легитимитет до редовните парламентарни избори во 2024 година, вели пратеникот Дарко Каевски.
Освен СДСМ, против одржување предвремени избори се и ДУИ и Алтернатива, додека Движењето Беса е на став дека изборите се повеќе од потребни. Претседателот Стево Пендаровски изјави дека евентуалното организирање на предвремени избори е во рацете на ВМРО и ДУИ, бидејќи, како што рече, само овие партии можат да обезбедат мнозинство од 61 пратеник за гласање во Собрание.
