Владата воведе ограничувања за пловидба на скутери и чамци на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со цел да се зголеми безбедноста на капачите и да се заштитат човечките животи, Владата донесе Одлука за ограничување на пловидбата на пловни објекти на трите природни езера во земјава. Одлуката е донесена на предлог на Министерството за транспорт и предвидува строги временски рестрикции за движење на скутери и чамци во текот на претстојната сезона.

Според новите правила, пловидбата на скутери ќе биде целосно забранета во периодот од 1 јули до 31 август 2026 година, во времето од 11:00 до 19:00 часот.

Дополнително, се воведуваат и рестрикции за пловидба на чамци, кои ќе важат според следниот распоред:

Од 3 јуни до 31 август 2026 година: Забрана за пловидба од 21:00 до 05:00 часот.

Од 1 септември до 30 септември 2026 година: Забрана за пловидба од 20:00 до 06:00 часот.

Од 1 октомври до 31 октомври 2026 година: Забрана за пловидба од 19:00 до 06:00 часот.

„Оваа Одлука се носи со цел намалување на ризикот од несреќи, спречување на загрозување на безбедноста на капачите и зачувување на јавниот ред на езерата“, појаснуваат од Министерството за транспорт.

Од ресорното министерство најавуваат дека надлежните служби во претстојниот период ќе спроведуваат засилени контроли на терен. За сите оние кои нема да ги почитуваат пропишаните ограничувања, ќе бидат преземени соодветни мерки и санкции согласно законските прописи.

Од Министерството за транспорт упатуваат и јавен апел до сите сопственици и управувачи на скутери и чамци строго да ги почитуваат правилата за пловидба, означените безбедносни зони и насоките на надлежните органи, со цел да се овозможи непречено и безбедно користење на езерските води.