Владина делегација во Давос, најавени средби со глобални корпорации – Мицкоски: Очекувам плодни резултати

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Плодни резултати и привлекување на голем број странски инвеститори очекува премиерот Христијан Мицкоски од учеството на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија. Вели, на форумот ќе ги презентираат можностите за инвестирање во Македонија.

„Ќе имаме плодни состаноци кои што очекуваме значително да влијаат на подобрување на економската состојба и привлекување на голем број на инвестиции“, изјави Мицкоски.

На форумот во швајцарскиот зимски центар кој годинава се одржува под мотото „Во духот на дијалог“, има 3.000 учесници, вклучувајќи 65 шефови на држави и влади и повеќе од 850 извршни директори на водечки светски компании.

На панел дискусиите поврзани со одржливиот развој, во кои ќе учествува македонската делегација, ќе се презентираат стратешките планови за енергетска трансформација и инфраструктурно поврзување на регионот.

„Учесник ќе бидам на три панели на кои што ќе ги презентирам можностите за инвестирање во Македонија, но истовремено ќе оствариме бројни билатерални средби со многу моќни би рекол компании од светот, најмногу од областа од енергетиката и високата технологија. Очекувам навистина плодни резултати“, вели Мицкоски.

Според најавите од владиниот кабинет, на агендата се билатерални средби со претставници на водечки светски корпорации и финансиски институции. Предвидено е и учество на затворени сесии за лидери, како и на јавни дебати за вештачка интелигенција, енергетика и новите патишта за економски раст во Европа.

Годишниот состанок во Давос е во сенка на намерите на американскиот претседател Доналд Трамп да го преземе Гренланд. Одлуките во Давос ќе бидат клучни за движењата на пазарите, инвестициите и глобалниот економски раст годинава.