Владините „хуманитарни“ летови – незадоволство за цената, некој ќе плаќа повеќе

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако Владата ги нарекува „хуманитарни летови“, државјаните на РСМ сами ги платиле авионските карти со кои се вратиле од разни места каде беа блокирани поради пандемијата со Ковид-19.

На почеток тие потпишале дека прифаќаат да ги платат авионските карти, без да ја знаат цената, а во авион во текот на летот, со или без нивна желба требало да потпишат и за цената без разлика дали им одговарало или не. Ова му се случило на Авни Билали, кој дошол со летот Базел-Скопје.

„Откако слета авионот во Скопје, додека се организираа автобусите, додека излегувавме од авион за да се качиме на автобус, не повика нас тројца и не натераа да ги пополниме“, истакна Авни Билали.

ТВ21: Што Ви рекоа дека ќе се случи доколку не ги попишете?

А.Б.: Моравме да ги потпишеме. Ние им рековме дека цената која ја избрала државата не ни одговара, но ни рекоа дека мораме да потпишеме бидејќи веќе сме слетале и нормално без тоа не можеш да излезеш од авион.

ТВ21: Колку треба да платите?

А.Б.: 145 евра за доаѓањето од Базел.

Летовите само се нарекуваат хуманитарни, инаку сами ги плативме авионските карти, вели Музафер Пајазити, кој дошол од Берлин, а авионската карта ќе треба да ја плати повеќе отколку што му е кажано на почеток.

„Откако влеговме во авион за да се вратиме во РСМ, ни дадоа да потпишеме документ, откако леташе авионот, дека ќе платиме 196 евра. Потоа, последните денови ни дојде документ, ни донесоа еден лист каде пишува дека цената на летот е 206 евра, што е 10 евра повеќе од потпишаниот договор“, вели Музафер Пајазити.

Испративме прашање до Секретаријатот на Владата, одговорен за организација на овие летови. Од таму велат дека цената е сменета поради тоа што за децата не е наплатено.

„Летот од Берлин се реализираше за 170 патници и 6 дечиња, при што за дечињата не се наплаќа, а вкупната сума на чинење на летот се дели на 170 лица. Летот од Базел се реализираше за 170 патници и 8 дечиња, по истиот критериум“, посочуваат од Секретаријат на Влада на РСМ.

Според ценовникот кои е доставен до патниците, пишува дека во летот од Базел имало 174 патници, а не 178 како што се тврдеше во одговорот на Секретаријатот. Исто така не се совпаѓаат и податоците и за летот од Малта, при што во ценовникот пишува дека биле 124 патници, а МНР информираше дека во земјата се вратени 118 државјани.