Новиот пакет мерки за помош на економијата се краткорочни и еднорочни мерки кои се проблематични по повеќе основи, смета поранешен советник на министерот за финансии Бранимир Јовановиќ, додавајќи дека повторно се пропушта шансата за да се решат суштинските проблеми на граѓаните кои се наталожиле со години.
Оваа држава требаше системски да ги заштите луѓето кои беа погодени од корона кризата, така што според него мерката за „МОЈ ДДВ“ е многу лоша бидејќи со оваа мерка постои опасност да се рашири вирусот, ќе доведе до пад на буџетот, а најмногу корист од тоа ќе имаат богатите.
„Мерката исто така претставува и своевидна легализација на сивата економија односно на даночната енвазија, односно ќе им овозможи на фирмите прометот кој не го пријавиле претходните месеци да си го пријават тој викенд без да платат данок. Проблематична е мерката и за надоместок за луѓето кои останаа без работа два месеца. Наместо владата да ги опфати со системот тие работници, им вика дека ќе добијат надоместок само два месеци“, истакна Бранимир Јовановиќ.
Мерката преку национални платежни картички Јовановиќ смета дека е подложена на корупција од проста причина што за неа ќе треба да се направи јавна набавка, да се распише тендер, изработка на картичките, а за сето тоа ќе се изгуби многу време.
Советникот по економски прашања на премиерот Оливер Спасовски, денеска соопшти дека аплицирањето за третиот пакет ќе биде едноставено и познато во следните две до три недели.
„Секоја мерка таргетира посебна група граѓани. Домашна платежна картичка добиваат сите лица кои се невработени или се приматели на минимална помош. Во нашите евиденции тоа е некаде околу 130-140 000 граѓани, но сите овие не смеат да имаат дополнителни приходи повеќе од 15 000 месечно“, посочи Фатмир Битиќи.
Граѓаните со кои разговаравме засега не се задоволни од владините мерки.
„Немам никаква помош од владата. Моментално сум невработена, пеев по кафулиња и кафани. Ние сме најпогодени и немеаме никаква помош. Среќа ми се живи и здрави домашните па живееме од нивната пензија“, вели граѓанка.
„Они треба пари да им дадат на луѓето или да им дадат секој месец на оние кои што се загрозени. Тоа е така во Америка, во Германија, во Австрија. Девет илјади за еден месец, па јас дневно трошам по илјада денари“, рече граѓанин.
Вредноста на третиот економски пакет изнесува 355 милиони евра за директна финансиска поддршка на граѓаните, заживување на стопанството и награда за здравствените работници.
