ВЛЕН со кандидат и за Град Скопје – Меџити очекува соработка со ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од коалицијата ВЛЕН велат дека во наредните денови ќе излезат со листи на кандидати за градоначалници и за советници. Лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, потенцијален кандидат за Чаир, изјави дека на локалните избори ќе се потпрат на поддршката од нивните коалициски партнери од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека во плурализмот оваа пракса секогаш постоела, дури и партии како ДУИ и СДСМ си помагале меѓусебно.

Од Демократската унија за интеграција, пак, сметаат дека претстојните локални избори не се само натпревар за локалната власт, туку, според нив, тие се политички референдум за стратешката иднина на државата и нејзината ориентација кон европското семејство.

„Денес, повеќе од кога било, јасно е дека битката за општините е битка за државата. Меѓуетничките односи се сериозно нарушени, се врати мајоризацијата, е укинато претставувањето, се прекршуваат колективните права на Албанците и се продлабочува дискриминацијата во државните институции. Оваа состојба не е само чекор назад, туку сериозна закана за уставниот поредок, соживотот меѓу заедниците и европските вредности.“, велат од ДУИ.

За есенските локални избори, кои се очекува да бидат распишани на почетокот на август, веќе започна предизборната кампања со прегрупирање на политичките субјекти и нивните кандидати. Од ДУИ веќе објавија неколку имиња, меѓу кои се издвојува кандидатурата на поранешниот кандидат за претседател – Бујар Османи за Општина Чаир. Настапот на Алијанса за Албанците на Таравари во Европскиот фронт отвори простор за кандидирање во 4 општини, додека крилото на Села ќе кандидира свои луѓе во уште три други општини.