Вмрежување на млади претприемачи од Балканот, целта е да се промени бизнис амбиентот за да нема иселување

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Скопје се одржа третото издание на регионалниот настан за вмрежување на млади претприемачи во организација на Унија на млади претприемачи на Македонија. Целта е бизнисите од регионот да се поврзат и да ја зајакнат претприемачката заедница. Организаторите велат дека преку директни средби, панели и брзо вмрежување треба да се поттикнат нови партнерства, инвестиции и извозни можности меѓу компаниите во сопственост на младите, односно на лица до 35 години од регионот на Западен Балкан.

„Големата цел е Балканска унија. Значи да бидеме во едно тело и да правиме поголеми промени, затоа што заедно сме посилни… Промени во законите што е клучно за младите претприемачи за да може да останат на Балканот и да не си одат од државите“, вели Ивона Трајановска, коосновач и претседател на Унија на млади претприемачи „Phoenix Rising“, Македонија.

Членки на иницијативата и на партнерските програми се Македонија, Србија, Црна Гора и од лани и Албанија, а целта е да се вклучат сите земји од Западен Балкан.

„Планираме да ги вклучиме сите шест земји од Западен Балкан бидејќи иницијалната идеја беше таа. Почнавме со Црна Гора, Србија, Македонија и таа соработка трае веќе неколку години. Сега го помагаме основањето на организација на млади претприемачи во Босна и Херцеговина и Косово, додека Албанија од претходната година се вклучи и со неа соработуваме, можам да кажам доста убаво во последнава година.“, рече Урош Булатовиќ, основач и претседател на Унијата на млади претприемачи на Црна Гора.

Организаторите најавуваат дека целта е во 2026 година да се одржи и Саем на млади претприемачи, како следен чекор за поврзување на бизнисите и пристап до инвеститори.