Партијата на власт, ВМРО-ДПМНЕ, излезе со неколку прашања и обвинувања кон поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, откако вчера МВР поднесе кривична пријава против него, бидејќи, како што се тврди, не донел одлука за суспендирање на овластувањето на фирмата за технички прегледи на возила и дозволил незаконско збогатување на една фирма во Сарај во износ од над 5,5 милиони денари. Валентин Манасиeвски го повика Обвинителството веднаш да преземе мерки. Инаку, вчера Спасовски целосно ги отфрли обвинувањата содржани во пријавата на МВР.
„Што се крие зад ова и зошто Спасовски не постапил да ги суспендира овластувањата за техничките тестирања во Сарај? Дали стои нешто друго зад заштитата на Спасовски? Колку возила што ја загрозувале безбедноста во сообраќајот го поминале контролниот технички преглед на истиот пункт? И колку од нив не би поминале на некое друго место? Оливер Спасовски ја загрозил безбедноста на илјадници возачи низ целата земја. Во овој правец, ја повикуваме Јавното обвинителство веднаш да постапи.“, рече Манасиевски.
