ВМРО-ДПМНЕ: Еден час пред полициски час поскапени бензините – РКЕ: Обврзани сме да ја усогласиме одлуката со законските измени изгласани во Собранието

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираше на новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика според која од полноќ бензините поскапуваат за половина денар.

„Шверцерска одлука на РКЕ, на еден час пред полициски час бензините поскапени за 3 денари. Ова е второ покачување на цените на горивата оваа недела, откако на 5 април беа веќе еднаш покачени. Ова е 4 денари покачување за една недела. Ова е преседан и сигнализира дека власта незнае како да го полни буџетот па удира по народот. Партиската испостава на Заев, која го регулира енергетскиот пазар ги покачи цените на горивата во сред недела, на само еден час пред почеток на полициски час. Граѓаните брзаат кон бензинските и се создаваат колони со возила. РКЕ на Заев во пандемија немилосрдно удира по џебот на граѓаните. По покачените акцизи, константното покачување на цените на горивата е уште еден начин за полнење на празниот буџет директно од сиромашните граѓани“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

На ова обвинување, со реакција се јавија и од Регулаторната комисија за енергетика од каде посочуваат дека тие се обврзани да ја усогласат одлуката со законските измени изгласани во Собранието.

„Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ја информира ВМРО-ДПМНЕ дека изврши усогласување на Одлуката од 5.04.2021 година (со која се утврдени највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт ) со измените на Законот за акцизите што го донесе Собранието на Република Северна Македонија, во чиј состав се и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Реториката на навреди која ја практикува ВМРО-ДПМНЕ кон РКЕ е одраз на недостаток на аргументи, политичка тежина и знаење. РКЕ не носи закони, само ги спроведува соодветните законски решенија“, велат од РКЕ.