ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да биде истражен за Oнкологија – поранешниот министер за здравство не чувствува вина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ВМРО ДПМНЕ бара лидерот на СДСМ, Венко Филипче, да преземе одговорност за случајот со Онкологија. Според партијата на Мицкоски, на тешко болни пациенти им биле давани физиолошки раствори наместо лекови. ВМРО-ДПМНЕ вели дека Филипче молчејќи, практично ја прифаќа вината.

„Токму поради тоа што во негов мандат се случуваат најголемите корупциски и криминални скандали, Филипче треба да одговори, дали тој стои зад последниот судски случај во Онкологија, каде што од Буџетот на државата биле исцедени 2,2 милијарди денари или 35 милиони евра? Додека Филипче молчи, повторно го повикуваме Јавното обвинителство да ја истражи неговата улога во случајот Онкологија.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ги отфрла нападите од ВМРО-ДПМНЕ. Вели дека воопшто не чувствува вина.

Венко Филипче беше министер за здравство во периодот за кој обвинителството истражува злоупотреба на скапи биолошки терапии, кои не им биле давани на пациенти со карцином, туку биле продавани. Сепак, досега обвинителството не го истражило Филипче. Досега, Основното обвинителство поднесе две обвиненија до Кривичниот суд. Првото обвинение, кое се однесува на финансиското работење на Клиниката, вклучува две лица. Првообвинетиот, во својство на медицински директор, и второобвинетиот, во својство на организациски директор на Клиниката, се товарат за – злоупотреба на службена положба и овластување, измама во службата и проневера. Поголемиот дел од кривичните дела се извршени во периодот од 2018 до 2022 година и резултирале со значителна финансиска корист за други во износ од 2,2 милијарди денари.