ВМРО-ДПМНЕ до Основното јавно обвинителство поднесе кривични пријави против Катица Јанева, Фатиме Фетаи, Ленче Ристоска, Лиле Стефанова и други обвинители од СЈО. Партијата обвинува дека во период од 2015 до 2019 година противправно си исплаќале надоместоци и додатоци на плата, со што го оштетиле буџетот за 4.6 милиони евра.
ТВ21 се обиде да добие став од поранешните обвинители во СЈО, но само Ленче Ристоска одговори на нашите повици.
„Не гледам потреба од коментар бидејќи оцената на основаноста на пријавите е во надлежност на институциите до кои се поднесени“, вели Ленче Ристоска.
Инаку, во септември минатата година, Државниот завод за ревизија во својот Извештај констатираше дека платите и дел од додатоците се согласно законот, но дека еден дел бил исплатен незаконски.
„Во однос на остварувањето на правото на другите надоместоци, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата утврдивме дека истите не се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти“, се вели во извештајот.
По објавувањето на овој извештај, реагираше и екс-шефицата на СЈО, Катица Јанева, која ја оспори законитоста во постапувањето на Државниот завод за ревизија и на ревизорскиот тим, велејќи дека е очигледно дека содржината е изготвена по нарачка на Обвинителството, кое во тоа време го истражуваше случајот „Рекет“.
