Според ВМРО-ДПМНЕ, доколку утре се одржат парламентарни избори, тие би освоиле над 60 пратеници, додека СДСМ биле трета партија во некои изборни единици. Ова, како што тврдат од ВМРО-ДПМНЕ е поради тоа што освоиле 12.000 гласа и 82 советнички места повеќе во однос на локалните избори во 2021 година, додека СДСМ изгубиле над 111.000 гласови и 166 советнички места.
-ВМРО-ДПМНЕ, како апсолутен победник на локалните избори со освоени 33 општини во првиот круг и со предност во уште 19 други, плус градот Скопје, би освоиле над 60 пратеници ако утре се одржат парламентарни избори, додека СДСМ и Филипче би се пласирале како трета партија во некои изборни единици, вели Валентин Мансиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Но, калкулациите на СДСМ не велат така. Според нив, со толку гласа што ги добиле на локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ би имале 52 пратеници, додека СДСМ 21.
-ВМРО-ДПМНЕ не може да го сокрие падот, а бројките се јасни и немилосрдни кон нив. Анализата на бројот на пратеници според гласовите е прецизна математичка операција која јасно покажува дека ВМРО-ДПМНЕ би паднале на 52 пратеници, додека СДСМ би имале најмалку 21. Очајните обиди за манипулација се резултат на шокот што го претрпеа и падот од повеќе од 140.000 гласа, што е јасен сигнал дека нивните лаги и погрешни политики се откриени, велат од СДСМ.
Споредените бројки на парламентарните избори 2024 и локалните избори 2025 (прв круг) се следни: ВМРО-ДПМНЕ во 2024 година доби 436,036 гласови, додека сега на локалните 301,799 – што претставува пад од 134,237 гласови. Од друга страна, СДСМ во 2024 година освои 153,250 гласови, а сега на локалните 124,300 гласа – што е пад од 28,950 гласови.