ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе одржи седница на Централниот комитет (ЦК), на која ќе се избираат нов Извршен комитет и нов генерален секретар на партијата. Претседателот на партијата и премиер Христијан Мицскоски синоќа најави дека во овој мандат ВМРО-ДПМНЕ ќе има генерален секретар и членови на Извршниот комитет (ИК). Досегашните потпретседатели ќе бидат предложени за членови на Извршен комитет на партијата, а ќе има и нови имиња.
Во интервју за националната телевизија Мицкоски информираше дека ќе се одржи Централен комитет со сите што по статут ќе бидат дел од Извршниот комитет. По автоматизам во ова партиско тело ќе влезат координаторот на пратеничката група, претседателката на Унијата на жените, претседателот на Унијата на младите, претседателот на Унија на ветераните, претседателот на партијата, генералниот секретар…
Новиот состав на ИК ќе треба да има 29 члена. Мицкоски рече дека ќе побара од ЦК да се донесе одлука за распишување избор на нов претседател на Унијата на ветераните, Унијата на младите и на Унијата на жените. Очекува од 20 до 25 проценти од составот на ИК да бидат нови луѓе од партијата.
– Да, точно е тоа дека партијата во овој мандат нема повеќе да има потпреседатели. Ќе има претседател, генерален секретар и членови на ИК. Досегашните потпретседатели ќе бидат предложени за членови на ИК на партијата и плус некои други имиња. Со тие луѓе јас сум од првиот ден, тие луѓе се мои најблиски сорботници и во интерес на она што веќе го најавив за 2029 година и за принципите што ги застапувам на конгресот во 2029 година партијата ќе има ново раководство, нов претседател итн… Ценам дека е потребно да се има рамен терен за сите оние што се заинтересирани и мислат дека може да додадат вредност, пред сè, во ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и во Владата, да може да се кандидираат и да ја побараат поддршката од делегатите на конгресот – изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
