ВМРО-ДПМНЕ најавува дека идната недела ќе достави во Собранието Резолуција и ќе побара државен консензус на црвените линии на Македонија во преговорите со Бугарија во однос на јазикот историјата и идентитетот. Ова го најави лидерот на партијата Христијан Мицкоски, кој тврди дека Резолуцијата не е нивна туку е барање на МАНУ, МПЦ и Универзитетот Кирил и Методиј.
„Да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет. Македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен континуитет и свој временски континуитет“, истакна Христијан Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ и претходно бараше Собранието да усвои резолуција во кои ќе бидат вградени црвените линии на Македонија, како пандан на бугарската резолуција. Но тогаш ова не беше прифатено со образложение дека доколку и ние усвоиме резолуција тогаш процесот целосно ќе се блокира. Доколку не се поддржи оваа Резолуција тогаш ќе се потврди дека се преговара за македонскиот идентитет, вели Мицкоски.
„Да го поддржиме овој документ заеднички во парламентот, кој што повторувам, треба да биде натпартиски, кој што треба да добие општествена поддршка. Со пратеничките групи не сме имале контакт од проста причина што сите јавно кажуваат дека не се преговара и никој нема намера да преговара за македонскиот идентитет посебност, јазик, култура, традиција, обичаи. Ова е документ кој што ќе повторам не е ексклузивно право на ВМРО-ДПМНЕ туку е создаден од највисоките интелектуални институции во државата“, посочи Христијан Мицкоски.
Од СДСМ само кратко испратија соопштение во кое наведуваат дека нема потреба од никакви резолуции, а настапот на Мицкоски го оценија како популистички.
„Македонскиот јазик, македонскиот идентитет се потврдени и признаени од цела Европа и од целиот свет. За тоа не се потребни никакви резолуции никакви заклучоци. Очигледно само на Христијан Мицкоски не му е јасно кои се македонските идентитетски линии па затоа настапува со популистички барања“, велат од СДСМ.
Претходно и на Комисијата за надворешна политика Антонио Милошоски кој го предводи ова собраниско тело бараше да се усвојат заклучоци за преговорите меѓу Македонија и Бугарија, но пратениците од владејачкото мнозинство ја напуштија седницата.
