ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација во Собранието за Николовски и Маричиќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски денеска обвини дека „Македонија со Заев падна на 111 место на листата на корупција на Транспаренси, убедливо најлошо до сега, а состојбата со корупцијата е полоша и од Косово, Танзанија, Гамбија и Белорусија!“

Тој вели дека ова е пад од цели 45 места само во годините на управувањето и на „лажните реформи на правниот систем на Зоран Заев“

„Партизираната администрација, политизираното обвинителство и заробеното судство го испорача својот данок. Македонија е земја којa од светот е гледана како црна дупка во Европа, точка на криминал, рекет, мито и корупција. Повеќе од година дена немаме разрешница за најголемата рекетарска афера во Европа. Бојан Јовановски, кој сите го видовме со полна торба пари, во судница кажа дека парите од рекетот да се бараат кај Зоран и Вице Заеви, а обвинителството не ги ни повика ниту на распитување. Сите го видовме Ден Дончев, како трпа туциња пари во торба, а ЈО требаше барем да започне истрага каде завршија парите“, вели Мисајловски.

Тој додава дека во земја каде „функционери се однесуваат како мафијаши и за тоа поминуваат неказнето, не може да дојде ниту еден странски инвеститор, напротив сите ќе бегаат подалеку“.

„Вклучен е црвениот аларм одамна. Потребни се оставки, најпрвин од таканаречениот вицепремиер за борба против корупцијата Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ, затоа што не само што не се изборија со корупцијата, туку истата е засилена. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација во Собранието за Љупчо Николовски и за Бојан Маричиќ. Оставки веднаш. Одговорност веднаш“, посочи Мисајловски.