Блокадата од Бугарија не е заради економската, еколошката, здравствената или земјоделската политика на Македонија, туку заради нивните барања да не се признава постоење на македонскиот национален и јазичен идентитет и континуитет пред 1944 година, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
Како што вели тој, блокадата е заради јасно дефинирање на барање на Бугарија во нивната државна надворешна политика, утврдена во нивното Собрание.
Мисајловски вели дека според логиката на Заев, Бугарија смее и треба да има своја државна резолуција за Македонија, а Македонија не смее и не треба да има државна резолуција за нашата Македонија. Поради тоа, го повтори ставот на лидерот на партијата Христијан Мицкоски дека до нашето Собрание ќе поднесат резолуција за преговорите со Бугарија.
„Резолуцијата која ја нудиме е одговор на блокадата, одговор на негирањата и одговор на лошите политики кон Македонија. Собранието на Република Македонија има обврска да ја гарантира европската перспектива на државата заедно и еднакво со заштита на нашите човекови права за самоопределување и правото на сопствен идентитет. Резолуцијата која ја нудиме не е авторски текст на ВМРО-ДПМНЕ, таа е документ за кој веќе постои највисок научен и општествен консензус. Формулациите и дефинициите се плод умот и мудроста, совеста и искуството содржани во МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА“, вели Мисајловски.
