ВМРО-ДПМНЕ од утре на протести, бараат власта да го објави патоказот за кој преговара со Бугарија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека на преговарачка маса со Бугарија се ставени македонскиот идентитет, јазикот и културата и затоа бараат власта да го објави таканаречениот Патоказ. Претседателот на партијата Мицкоски вели дека бугарските барања ќе бидат дел од преговарачкиот процес со Европската унија.

„Од високи дипломатски извори и од Брисел, но и од официјална Софија дознаваме дека барањата кои што се составен дел од Декларацијата усвоена во бугарскиот парламент практично ќе бидат дел од преговарачката рамка на Македонија со Европската унија“, посочи Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски најавува дека од утре ќе одржува протести се додека не се објави овој документ, за како што велат да се соопшти што точно Заев и Бучковски преговараат со Бугарија и какви отстапки ќе има. Протестот во Скопје кој ќе се одржува на три локации ќе биде кај зградата на Нова Македонија спроти канцелариите на Европската унија, потоа пред Собранието и кај крстосницата кај Мавровка.

„ВМРО-ДПМНЕ секој ден почнувајќи од утре ќе блокира на три места во Скопје и 10 градови во Македонија во периодот од 15 до 17 часот се додека на јавноста не и биде покажен документот Патоказ или како сакате наречете го кој што го преговара двоецот Заев – Бучковски со официјална Софија“, додаде Мицкоски.

Премиерот Заев во петокот изјави дека не се водат преговори за идентитетските прашања и дека Декларацијата на бугарскиот парламент не е прифатлива. На маса е португалскиот предлог, рече тој и дополни дека тоа би можело да биде решение во спорот со Бугарија.