Продолжуваат преписките со соопштенија помеѓу најголемите политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека молкот на лидерот на СДСМ, Венко Филипче кон навредливите изјави од Бугарија, е срам и понижување за Македонија „Речиси две недели Филипче избегнува јасно да ја осуди изјавата на бугарската министерка Петрова Чамова, која македонскиот народ го нарекува “северномакедонци”. Венко Филипче нема достоинствен став и не застанува во одбрана на националниот идентитет, Филипче молчи за навредите, прави лични калкулации и продолжува со сервилност“, соопштија од владејачката партија.
Според нив, Филипче води политика на попуштање, понижување и отворање простор за нови уцени кон Македонија, само за лични интереси и за да дојде на власт. „Додека македонскиот народ очекува државнички став и црвени линии за идентитетот, јазикот и историјата, Филипче продолжува со тивка поддршка на наративите кои ја негираат Македонија. Македонскиот идентитет не е предмет на преговори. Македонскиот јазик и историја не се тема за политички пазарења“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Вратија од СДСМ, од каде велат дека власта не сака да гласа за забрана за бугарски пасоши во Влада. Според опозициската партија, граѓаните добиле уште едно јавно и многу јасно признание дека Владата е полна со луѓе кои имаат бугарски пасоши, нагласувајќи дека одбиле да го прифатат предлог-законот на СДСМ со кој премиерот, вицепремиерите, министрите и членовите на Владата не би можеле да имаат двојни државјанства.
„Зошто го одбија? Затоа што пола Влада веднаш ќе требаше да си замине. Може во Влада на Мицкоски со бугарски пасоши ама малцинства во Уставот – тоа не може. Ова е врв на лицемерие и лажење на граѓаните.
Со години ширеа хистерија, страв и лажен патриотизам. Ги лажеа граѓаните дека некој им го загрозува македонскиот идентитет, додека тие тивко си обезбедувале европски документи за себе и за своите семејства“, велат од СДСМ.
