Пратеничка група на ВМРО – ДПМНЕ упати допис до претседателот на Комисијата за здравство Арбен Зибер, од кого бара Министерството за здравство во најкраток рок да достави до Собранието, Информација со список на лица кои до овој момент примиле вакцини против Ковид-19. Ова тие го бараат поради, како што велат, шпекулациите во јавноста дека се вакцинирале лица кои не биле први на ред согласно Националниот оперативен план за вакцинација.
– Земајќи ги предвид надлежностите на Комисијата за здравство во Собранието, надлежна за здравствената заштита на населението инсистираме од претседателот на Комисијата Арбен Зибер, во најбрз рок да побара од Министерството за здравство, Информација со список на лица кои до овој момент примиле вакцини против КОВИД-19, велат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Според пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, само на тој начин со објавување на податоците ќе се отстранат сите сомнежи во јавноста дека и онака малиот број вакцини се злоупотребува.
– Со објавување на податоците ќе се отстранат сите сомнежи во јавноста во овој чувствителен период кој држава го минува крајно неподготвено поради неспособноста на надлежните во Владата, пред сè премиерот Заев и ресорниот министер Филипче. Доколку има злоупотреби да го отвориме прашањето за одговорност на надлежните функционери, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
